poplavi

 

 

Нов бран со обилни врнежи од дожд според најавите од метеоролозите ќе ја зафати територијата на Македонија од денеска попладне, а поинтензивни ќе бидат од утре попладне до недела попладне. Синоптичарите најавуваат и повремено силен јужен ветер со удари и над 80 километри на час.

Според најавите на синоптичарите, во западните и јужните делови на Македонија количината на врнежи ќе достигне од 40 до 60 литри на метар квадратен, а на планините ќе паѓа снег што ќе придонесе да се зголеми снежната покривка.

Надлежните пред највениот нов бран ја следат состојбата и преземаат превентивни мерки.

Се очекува водостојот на реките да се зголеми со топење на снеговите, како и можно излевање на реките со што се подигнува алармантноста со хидролошката состојба.

Координативното тело препорачува градоначалниците да ги стават на готовност сите расположливи ресурси и да ги мобилизираат кризните штабови и во нив да вклучат претставници од ЦУК, ДЗС и МВР. Градоначалниците, пак, кои имаат потреба од дополнителна помош од технички ресурси (механизација, вреќи и нафта) веднаш да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување.

Од Координативното тело апелираат до градоначалниците да ги информираат месните заедници за најавената дестабилизација на временските услови, континуирано да се следи водостојот на реките, да се следи и нивото на акумулациите.

Единиците на локалната самоуправа да интервенираат на мостови каде има опасност од задржување големи наноси од надојдените реки, сите граѓани кои сметаат дека се загрозени да се обратат на бесплатниот број 195 на ЦУК, припадниците на МВР и Министерството за одбрана да бидат подготвени за интервенција, возачите навремено да се информираат за состојбата на патните правци од страна на АМСМ, а екипи од ЕВН и ДЗС да воведат дежурни служби.

Надлежните апелираат и до месното население да се вклучи во превентивните акции.