avtorski_dogovori

 

Вработените кои во јануари заработиле дополнителен хонорар понизок од 21.300 денари нема да треба да плаќаат придонеси. Собранието ќе ги донесе новите законски измени утре односно четири дена пред истекот на рокот за подмирување на давачките за авторските договори и договорите на дело, склучени во јануари. Предложените измени од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ следуваат откако голем број од засегнатите страни изразија незадоволство од првичниот концепт.
– Овие закони Собранието на РМ ги донесе во текот на летните месеци и за жал во тој период немаше никаква дебата и никаков продалбочен интерес од сите засегнати субјекти. Таа дебата се случи во текот на декември и јануари, веројатно заради периодот на импелементација на законот, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски.

Поместувањето на границата над која вработените ќе плаќаат придонеси, од 9.590 денари на 21.300 денари, и тоа само за исплатени хонорари, според Димовски, претставува општествен консензус. Од друга страна, здруженијата кои организираа неколку протести против оваа реформа бараат нејзино укинување и најавуваат нови собири. Во исто време, Владата најави дека во наредните 18 месеци ќе бидат вработени над 3.000 хонорарци и волонтери, ангажирани во администрацијата.
– Се обезбедува решавање на статусот на неколку илјади лица кои се ангажирани по основ на волонтерски договори, договори за дело, авторски договори или друг вид на договор во органите на државната власт, установите од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита основани од Република Македонија и единиците на локална самоуправа, како и јавните претпријатија, заводите, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Македонија, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Правото на редовен работен однос ќе можат да го стекнат лицата кои биле ангажирани најмалку три месеци и чиј ангажман започнал најдоцна до крајот на ноември минатата година.

Извор Телма