wizz

 

Трет авион во Скопје, 1 нов аеродром и 6 нови линии

Виз Ер, најголемата нискобуџетна авиокомпанија во Централна и Источна Европа, најави натамошно проширување во Македонија. Авиокомпанијата ќе распореди трет Ербас А320 авион во својата база во Скопје од 29 јуни додавајќи и 5 нови летови од македонскиот главен град до Фридрихшафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нирнберг. Секоја од новите рути ќе има по два лета неделно. Новиот авион во базата во Скопје ќе им овозможи на Виз Ер, почнувајќи од 29 јуни, да се зголемат бројот на неделни летови на постојните дестинации од Скопје до Келн, Гетеборг, Франкфурт Хан, Малме, Милано Бергамо и Париз Бове. Виз Ер најави летови и од вториот аеродром во Македонија, Охрид, со што бројот на аеродроми во мрежата на Виз Ер ќе се зголеми на 110. Новата линија од Охрид до Базел ќе започне од 1 јули и ќе сообраќа два пати во неделата.
Виз Ер сега нуди вкупно 20 линии до 10 земји од Македонија.

Џон Стивенсон, извршен потпретседател на Виз Ер, изјави: “Денешната најава е одлична вест за Македонија. Со зголемувањето на нашата флота во Скопје и додавањето на Охрид во нашата мрежа, создаваме повеќе можности за патување и поголем избор на дестинации. Се надеваме дека ова ќе резултира со создавање повеќе работни места на локално ниво, како и уште повеќе да го поттикне туризмот во земјата. Очекуваме дека шестте нови рути и зголемениот капацитет на постоечките ќе биде широкоградо прифатено од корисниците ако се знае дека овозможуваме уште нискотарифни летови во Македонија”

Еден дел од товарот за промоција на Охрид го има и самата авио компанија. Таа има обврска да донесе одреден број на туристи. Субвенционирањето се однесува на слетување на охридскиот аеродром “Св. Апостол Павле“ што подразбира дека таа  ја сноси одговорноста за носење на одреден број на гости во Охрид. Таа бројка на гости  е солидна за почеток односно  во текот на овие неколку  години. Компанијата  “Виз Ер“ исто така   има  обврска во своите промотивни  каталози  кои ги има во авионите кои летаат  на различни дестинации низ светов  да го вметне и Охрид . Сметам дека ова е еден сосем поинаков пристап на маркетинг стратегијата за развој на туризмот што во иднина ќе донесе резултати. Бројот  на англиски туристи кои се очекуваат во Охрид би бил солидна основа за презентација на охридската туристичка понуда односно охридското културно богатство на англискиот пазар, вели градоначалникот Никола Бакрачески.

Бакрачески потсети дека се водат неофицијални преговори за етаблирање на редовна линија кон уште една европска дестинација.