bgmk

 

Македонија и Бугарија имаат на располагање 17 милиони евра од фондовите на ЕУ во рамки на новата ИПА-Програма за прекугранична соработка за справување со заеднички предизвици(IPA Cross-border Co-operation Programme)

Средствата од Програмата, што беше усвоена вчера од ЕК, се наменети за мерки за справување со влијанието на климатските промени, како и за прашања коишто се однесуваат на заштита на природата и биодиверзитетот, одржливо користење на природните ресурси, заштита на животната средина и менаџирање со ризици на прекугранично ниво.

Како што се наведува во соопштението од ЕУ, клучниот фокус на Програмата е исто така ставен и на заштита на локалитети означени како природно и културно наследство во регионот. Финансирањето ќе помогне и за зајакнување на конкурентноста на малите и средните претпријатија и ќе го олесни нивниот пристап до нови пазари.

– Програмите за прекугранична соработка зависат од силната волја на земјите-учеснички заедно да искористат ресурси за справување со заеднички предизвици. Преку соработка во областа на животната средина, туризмот и конкурентноста на малите и средните претпријатија регионот ќе може да ја зголеми својата атрактивност за привлекување туристи и инвеститори. Им посакувам на двете земји успех во востановување на соработката, како и во поддршката на проекти кои ќе ги нагласат силните страни на регионот, изјави Корина Крету, комесар за регионални политики.

Со ИПА-Програмата за прекугранична соработка ќе бидат опфатени два погранични региона во Бугарија – Благоевград и Ќустендил, и три региона во Македонија – североисточниот, југоисточниот и источниот регион. Приоритети на програмата се: животна средина, одржлив туризам и конкурентност.

Вкупниот буџет за Програмата изнесува 19,46 милиони евра, од кои околу 17 милиони евра (16,54) се од Инструментот за претпристапна помош.

Инструментот за претпристапна помош дава финансиска и техничка помош за поддршка на реформите во земјите-аспиранти за членство во ЕУ со што се надградуваат капацитетите на овие земји и се овозможува развој на регионот. За периодот 2014-2020 ИПА-инструментот има буџет од околу 4,84 милијарди евра кои ќе бидат инвестирани во 12 програми за прекугранична соработка меѓу региони, како и територијални, општествени и економски партнери.